Турција изврши одмазднички воздушни напади врз курдските милитанти во Ирак и Сирија

Турција денеска изврши воздушни напади врз курдските милитанти во соседните Ирак и Сирија, соопшти турското Министерство за одбрана.

Овие напади се случија откако девет турски војници вчера беа убиени во напад врз турска воена база во Ирак, пренесуваат американските медиуми.

Курдските напаѓачи вчеравечер се обидоа да се инфилтрираат во турската воена база во полуавтономниот курдски регион во северен Ирак, при што загинаа пет војници. Уште четворица починаа подоцна од здобиените тешки повреди, а турското Министерство за одбрана соопшти дека биле убиени и 15 милитанти.

Турција често изведува напади врз цели во Сирија и Ирак за кои верува дека се поврзани со Курдската работничка партија (ПКК), забранета курдска сепаратистичка група која води бунтови против Турција од 1980-тите.

Турското Министерство за одбрана објави дека авионите на турските воздухопловни сили погодиле цели во градовите Метина, Хакурк, Гара и Кандил, во северен Ирак, но не прецизираше и во кои области во Сирија.

Во соопштението се наведува дека воените авиони уништиле пештери, бункери, засолништа и нафтени капацитети „за да се елиминираат терористичките напади врз нашиот народ и безбедносните сили и да се обезбеди нашата гранична безбедност“.

Министерството додаде дека многу курдски милитанти биле убиени во нападите.

„Ќе се бориме до крај против терористичката организација ПКК во и надвор од нашите граници“, напиша Хакан Фидан, шеф на турската дипломатија во објавата на платформата Х.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја објави дека полицијата уапсила 113 лица осомничени за врски со ПКК по рациите во 32 турски провинции.

По нападот се уште нема никаков коментар од ПКК, владата во Багдад или администрацијата во полуавтономниот северен курдски регион Ирак.

Треба да знаете
Последни објави