Меѓународниот суд на правдата (МСП) најверојатно ќе воведе привремени мерки во случајот против Израел за геноцид во војната во Газа, изјави Марк Елис, извршен директор на Меѓународната адвокатска комора со седиште во Лондон.
Овој суд одржа рочишта на 11 и 12 јануари откако Јужноафриканската Република започна процес во кој го обвини Израел за геноцид врз Палестинците во Газа. Јужноафриканската Република вели дека Израел врши геноцид во Газа, но Израел ги отфрли тие обвинувања, додавајќи дека неговите напади врз Газа се легитимна самоодбрана.
Јужноафриканската Република поднесе низа привремени мерки, барајќи од судот да одобри, пред сè, итен прекин на израелската воена кампања во Газа.
Во интервју за Радио Слободна Европа Елис рече дека одлуките на Меѓународниот суд на правдата се конечни, но дека има случаи кога државите не ги почитувале.
-Од правен аспект, секоја страна, секоја земја која е странка пред Меѓународниот суд на правдата е должна да ги почитува и спроведува одлуките на судот. Но, знаеме дека политички тоа не се случува секогаш, но законски се обврзани да го направат тоа – вели Елис.
Ако тоа се случи во овој случај, предметот може да се достави и до Советот за безбедност на ОН. Сепак, Елис истакнува дека во оваа институција на ОН постои право на вето кое може да ги блокира одлуките.
-Мислам дека ова е исклучително важно сослушување бидејќи меѓународната заедница очигледно се фокусираше и се фокусира на она што се случува во Газа и по страшните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври, што доведе до многу силен одговор од Израел. Но, меѓународната заедница, мислам, со право е загрижена дали овој одговор на Израел, кој е законски дозволен според концептот на самоодбрана, отиде предалеку во однос на влијанието што го има врз цивилите во Газа. И така, имаше значителен фокус на обврските на Израел во преземањето на овие дејствија за да се осигура дека тие се придржуваат до принципите на дистинкција, заштита на цивилите и принципот на пропорционалност, осигурувајќи дека сите дејства преземени против воени инсталации не влијаат прекумерно врз цивилите, изјави тој.