Судбината на јапонската мисија за слетување на Месечината неизвесна поради проблеми со соларните панели

Јапонско вселенско летало опремено со прецизна навигациска технологија успешно слета на Месечината, но судбината на неговата мисија е неизвесна поради проблеми со системот за производство на соларна енергија, соопшти денеска јапонската вселенска агенција JAXA.

Јапонскиот паметен лендер за истражување на Месечината (SLIM) слета на Земјиниот сателит во петокот, со што Јапонија стана петта земја што го сторила тоа по поранешниот Советски Сојуз, САД, Кина и Индија.

Високиот функционер на JAXA, Хитоши Кунинака, на прес-конференција рече дека лендерот успеал да изврши меко слетување, но дека соларниот енергетски систем на лендерот не работи и дека неговата батерија може да издржи само неколку часа, пренесува агенцијата Kyodo,.

Претставниците на JAXA изјавија дека се сомневаат дека системот за производство на електрична енергија не е правилно свртен кон Сонцето и може да почне да функционира кога условите на сончевата светлина ќе се променат.

Претседателот на JAXA, Хироши Јамакава, рече дека на агенцијата ќе и треба еден месец да го анализира слетувањето и што точно се случило со вселенското летало кога стигнало до површината на Месечината.

SLIM е лесно вселенско летало со големина на патничко возило и користи технологија за „прецизно слетување“, која ветува многу поголема контрола од кое било претходно слетување на Месечината.

Додека повеќето претходни вселенски летала користеа зони за слетување широки околу 10 километри, зоната за слетување на SLIM е само околу 100 метри, што е резултат на две децении работа на прецизната технологија на Јапонската агенција за воздушно истражување.

Главната цел на јапонската мисија е тестирање на нова технологија за слетување што ќе им овозможи на лунарните мисии да слетаат „каде што сакаат, а не таму каде што е лесно да се слетуваат“, соопшти JAXA.

Како што е наведено, леталото ќе бара индиции за потеклото на Месечината, а меѓу другото, ќе ги анализира минералите со специјална камера.

Треба да знаете
Последни објави