Петровска: Новиот Закон за вработени во одбраната носи позитивни решенија кои ќе ги подобрат работните процеси во Министерството

На прашање поврзано со Предлог-законот за вработените во одбраната кој се наоѓа во собраниска процедура, министерката за одбрана Славјанка Петровска за 360 степени објаснува кои се придобивките од ова законско решение и на кој начин Законот ќе влијае на унапредување на работните процеси во Министерството.

„Кога зборуваме за бенефитите и придобивките од овој закон дадени се многу позитивни решенија кои ќе ги подобрат работните процеси во Министерството.  Не можете да очекувате вработените да бидат доволно мотивирани ако немате соодветна алатка, не само за парична награда или за зголемување на нивните плати, меѓутоа и за побрзо, поефикасно и се разбира правично унапредување во системот”, рече министерката.

Таа информираше дека на владина седница врз основа на иницијативата од претседателот на „Достоинство”, Стојанче Ангелов биле предложени две одлуки поврзани со бранителите, кои ќе бидат доставени до иницијаторот за потврда дека тие се соодветни на она што е побарано во иницијативата, по што Владата на наредната седница ќе ги прифати овие одлуки.

Петровска се осврна и на неодамна завршениот прв јавен повик за стипендирање на студенти од критични специјалности за Армијата, одредба која постои и во Предлог-законот за вработените во одбраната.

„Во договорот за стипендирање ќе биде одредено, во зависност од сумата на стипендија за колкав временски период најмалку се обврзани овие лица да работат во Армијата. Оние со кои што потпишавме сега Договор тие ќе бидат вработени во Армијата, ќе бидат офицери и тие додека да стапат на должност како вработени, додека го завршат образовниот процес ќе треба да поминат и обука согласно обуките кои се изведуваат на Воената академија за да можат да го добијат офицерскиот чин”, истакна министерката. Посочи дека оваа одредба постои и во Законот за вработените во одбраната и дека новиот јавен оглас за стипендирање ќе биде објавен по завршување на изборниот процес.

Треба да знаете
Последни објави