Рамковниот договор за запирање на борбите во Газа и ослободување на израелските заложници треба да биде проследен до Хамас, изјави денеска премиерот на Катар по средбите со американски, израелски и египетски претставници.
Катар, заедно со Египет и Соединетите држави, го води посредувањето меѓу двете страни откако изби војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, по нападот на палестинската милитантна група врз јужен Израел, објавија агенциите.
Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, говорејќи во Вашингтон на настан организиран од Атлантскиот совет, рече дека за време на преговорите во Париз е постигнат „добар напредок“.
Катарскиот премиер потврди дека средбите со шефот на ЦИА Вилијам Барнс и највисоките израелски и египетски безбедносни службеници резултирале со рамка за фазен прекин на огнот, во кој жените и децата заложници прво ќе бидат ослободени, додека хуманитарната помош ќе влезе во Појасот Газа.
Се надевавме дека овој предлог ќе биде пренесен до Хамас и ќе го доведе до место каде што ќе се вклучи позитивно и конструктивно во процесот, рече шеикот Мохамед.
Тој посочи дека Хамас поставил „јасно барање“ за „траен прекин на огнот пред преговорите“ и дека сегашниот предлог „може да доведе до траен прекин на огнот во иднина“.
Израел вели дека околу 132 од 250 заложници заробени на 7 октомври се уште се во Појасот Газа.
Претходно денеска Белата куќа објави дека разговорите за ново ослободување на заложниците биле конструктивни и ветувачки, но дека има уште многу работа.
Кабинетот на израелскиот премиер во неделата објави дека разговорите биле „конструктивни“, но дека остануваат „значителни празнини“.