Викендов, Скопје беше во фокусот на младите и нивната култура преку два музички настани, кои го одбележаа почетокот на активностите на платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ.
Едукативниот културен центар „Лабораториум” во центарот на Скопје беше „окупиран” со млада и повозрасна публика, заинтересирана за културната содржина креирана од два исклучително млади музички колективи.
На сцената во Лаб кафе се претстави младиот и надежен средношколски бенд од гимназијата Никола Карев – „Црно Собрание”. Бендот е активен од 2022 година и досега има едно регионално претставување во Белград, на регионалната смотра на средношколски бендови „БГ Инвазија”. Со еднакво присутни и активни членови на девојчиња и момчиња, со голема љубов кон музиката, бендот изведе неколку познати песни од познати македонски рок состави. Како изненадување за публиката, Црно Собрание отсвири и неколку нови авторски остварувања со што ја покажа својата амбиција за понатамошен музички развој. Преполниот Лаб Кафе со разиграна публика, само го потврди интересот и поддршката за „Црно Собрание” и нивната работа. Платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ ја препознава оваа млада инцијатива како значајно музичко средношколско движење и ќе го поддржи натамошниот развој на „Црно Собрание” и други слични инцијативи. Оттаму, едно од активностите што ќе следат е и издавање на нивен албум во живо за ПМГ Рекордингс, од концертот со кој настапија на отворањето на платформата.
Вториот настан го претстави ОВЦ Колективот (OVC Kolektiv), најмладото прогресивно електронско музичко движење во земјата. Преку креирање на простор за нивна презентација и промоција во форма на различни клупски настани, колективот ги става во фокус младите локални диџеи во развој. СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ е платформа која ја препознава оваа прогресивна заедница на млади електронски музичари, менаџери и аудио-визуелни уметници и во соработка со неа, креираше нов простор за креативно изразување и промоција. Пет часовниот денски рејв реализиран под името „New Comers Day Rave”, привлече масовна млада публика и љубители на хард-грув и индустријал техно звукот. Настанот претстави четири исклучително млади и талентирани диџеи. Хангарот во „Лабораториум” како совршен постиндустриски простор, придонесе во создавање вистинска рејв атмосфера од светски карактер, подеднакво добра како онаа на сцените во Берлин, Лондон… Со тоа само уште еднаш се потврди дека Скопје и Македонија имаат прогресивна младина во континуитет. Младина свесна за културата и јавниот простор во кој таа се креира и дека овој тип движења и колективи треба да имаат свое препознавање и континуирана поддршка.
Платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ ги препознава, промовира, ангажира и соработува со младите, носители и придвижувачи на современата, автохтона младинска култура, со фокус на музиката. Активностите на платформата се во организација на дискографската куќа „ПМГ Рекордингс” и здружението „Крај Вардарот”.