Пет отсто од Буџетот да се одвојуваат за образованието и да се ревидира работењето на сите високообразовни институции во државата, е едно од клучните барања на бизнисот што ќе им биде испорачано на политичките партии. Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, денеска од прес-конференција меѓу другото порача дека мора да се спречи натамошната ерозија на квалитетот на високото образование, но и да се продуцира неопходниот стручен кадар. -Засукани ракави, храброст и преземање ризик се неопходни за да се воведат одредени процеси кои мора да доведат до подобрување на кадровскиот потенцијал. Оваа порака ќе биде силно пренесена и до лидерите на партиите. Ќе бараме за образованието да се одвојуваат пет отсто од Буџетот, но не веднаш, туку во мандатни периоди и ќе бараме ревизија на работењето на сите високообразовни институции во државата за да се спречи натамошната ерозија на квалитетот на високото образование, истакна Азески. Според него, земјава е мала и има потреба за специјализирани кадри. -Ние не сме Америка, ние сме мала земја, немаме огромни потреби, туку имаме специјализирана потреба за кадри и треба да се свртиме кон тоа. Оваа порака значи дека во тие дејности ќе одвојуваме средства кои би ги зголемиле активностите. Така ќе дојдеме и до реформиран Буџет кој ќе стане развоен и ќе и овозможи на државата да финансира продуктивни дејности, во нејзин интерес, додаде Азески напоменувајќи дека останува оптимист дека земјава може да конкурира и да испорача нешто вредно и значајно во ЕУ со интелигенција, образование и култура.