Вработените за безбедност на големите германски аеродроми, вклучително и најголемиот во Франкфурт, се повикани на штрајк во четврток, соопшти синдикатот кој бара зголемување на платите.
Аеродромите во Хамбург, Бремен, Хановер, Берлин, Келн, Дизелдорф, Лајпциг, Дрезден, Ерфурт, Франкфурт и Штутгарт ќе бидат погодени од штрајкот, се наведува во соопштението на синдикатот Верди.
Аеродромот во Минхен, на југ, втор по големина во Германија, нема да биде вклучен во штрајкот.
Синдикатот „Верди“ бара од компаниите задолжени за безбедноста на аеродромите итно зголемување на платите за 2,80 евра на час и бонуси за 25.000 вработени, што работодавците досега ги одбиваа.
-Наглото зголемување на цените на храната и енергијата го оптоварува паричникот, особено за ниските плати – велат од синдикатот, кој бара зголемување на платите поради инфлацијата.
Синдикатот Верди, исто така, повика на штрајк на вработените во локалните транспортни претпријатија во петок, за подобри услови за работа во секторот кој нема работна сила.
Инфлацијата во Германија во 2023 година изнесуваше 5,9 отсто, главно поради цените на енергијата и храната, што предизвика социјални тензии во таа земја позната по квалитетот на социјалниот дијалог.
Германија се соочува со бран штрајкови, особено во транспортот. Минатата недела штрајкот на машиновозачите ја парализираше земјата. Штрајковите ја ослабуваат коалициската влада на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц, која се бори со рекордна непопуларност.