Во последното деноноќие имало над 40 пожари на шуми и на вегетација на отворено, регистрирани по пријава.
Пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територија на цела држава, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од евидентираните 45 пожари на отворено во последното деноноќие, три се уште се водат како активни утрово.
Се уште е активен пожарот кај скопското село Виниче, Општина Гази Баба, што почна на 7 овој месец. Од ЦУК посочуваат дека утрово нема информација за тоа дали некој интервенирал на негово гаснење.
За овој пожар известени се пожарникарите од Територијална противпожарна бригада на Град Скопје, кои поради непристапност на теренот не можеле да интервенираат, како и Општина Гази Баба, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и ЈП „Национални шуми“ – подружница „Караџица“.
– По утринското извидување, ако контактираните служби и институции проценат дека има потреба од воздухоплов за гаснење, (авион „ер трактор“ на ДЗС или „бел“ хеликоптер на МВР), тоа од ЦУК веднаш ке биде процесуирано за реализација, информира ЦУК.
Вчера околу 13:30 часот повторно бил активиран пожарот во атарот на селото Јамиште, кој се ширел кон територијата на Општина Кратово.
Овој пожар почна на 6 овој месец, а беше локализиран наредниот ден околу 18:00 часот.
Пожарот го следеле ТППЕ Пробиштип, ЈП „Национални шуми“ – подружница „Пробиштип“, ТППЕ Кратово, а се контактирало и со локалното население за евентуална потреба од интервенција.
Во утринските часови на терен заминале по една екипа од ТППЕ Пробиштип, од Кратово и од Кочани.
Од Единствениот број за итни повици Е-112 вчера во 16:07 часот е добиена информација за пожар над село Беловиште, Општина Јегуновце, поточно над ресторан „Бела Виста“. Горела дабова и букова шума.
За пожарот биле известени Националниот парк „Шар Планина“, кои вчера од 16:15 до 17:25 часот интервенирале со двајца вработени и едно лице од РЦУК Тетово.
Пожарот повторно е активиран синоќа, во 20:30 часот. За тоа се известени НП „Шар Планина“, но поради тешко пристапното место тие не интервенираа во текот на ноќта.
Во утринските часови мал тим ренџери од националниот парк дејствувал и го локализирал пожарот, по што ќе се внимава пак да не се активира.
За оваа состојба запознаени се и ТППЕ Тетово, но поради непристапен терен тие не се во можност да интервенираат.
– Паралелно гаснејќи пожари во населените места, најмалку 42 изгаснаа пожарникарите од вкупно 45-те евидентирани пожари на отворено, на места и со помош на локално население.
Од: Скопје (3), Битола (9), Прилеп (2), Крушево, Демир Хисар, Струмица, Гевгелија, Валандово, Радовиш, Македонски Брод, Свети Николе (3), Кочани (3), Виница (2), Делчево, Берово, Куманово (6), Крива Паланка, Ранковце, Тетово и пожарникарите од Гостивар (2), информира ЦУК.
Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112.