Претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе чека да види како по последните пораки од Соединетите Американски Држави за укинувањето на динарот ќе реагира Приштина. -Го анализираме тоа што го кажаа претставниците на неколку земји, ми се чини дека мојот впечаток, она што го кажав синоќа беше точен, па ќе видиме од сега па натаму, ќе видиме по последните пораки во кои што Американците бараат одложување од четири месеци, како ќе реагира Приштина на тоа, мислам дека овие работи не се неважни, изјави денеска Вучиќ. Српскиот претседател меѓу другото, одговори на прашањето дали добивал пораки од светските лидери или од некој друг како поминала седницата и дали имало поддршка или притисок, наведувајќи дека најверојатно го анализирале неговиот говор. -Секојдневно има притисоци, но не поради тоа, бидејќи седницата е веќе завршена. Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, вчера изјави дека Вашингтон изразил резерви во врска со одлуката еврото да стане единствена валута на Косово и ја повика Приштина да го одложи спроведувањето на оваа одлука додека не се дефинираат соодветни механизми во согласност со најдобрите европски практики. -Одлуката е донесена без соодветна подготовка и без консултации со локалното население. Бараме итно да се одложи почетокот на имплементацијата на овој план додека не се дефинираат соодветни процедури во согласност со европските стандарди, изјави Томас-Гринфилд, пренесе Телеграф.