Ангеловска-Бежоска: Адекватноста на капиталот на банките е на највисоко ниво во последните седумнаесет години

Мерките и политиките на Народната банка придонесуваат за зачувување на финансиската стабилност, којашто е предуслов за здрава економија, економски раст и развој. Адекватноста на капиталот на банките е на највисокo ниво во изминатите 17 години, што е суштински за задржувањето на стабилноста при соочување со евентуални ризици, но исто така и од аспект на кредитирањето и поддршката на граѓаните и фирмите, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во разговорот за порталот Пари.мк.

„Финансиската стабилност е јавно добро. Ако нема финансиска стабилност не може да очекуваме ниту раст и развој на целата економија, затоа што тоа е главен извор за финансирање на економската активност. Ние сме отворени, транспарентно разговараме со банките, ја следиме европската регулатива и сметаме дека треба да сме во чекор со неа. Кога има некои новини, се обидуваме да ги спроведеме во нашата регулатива најбрзо што може, меѓутоа не само затоа што е потребно да сме во чекор со ЕУ, туку затоа што тоа е добро и здраво за економијата во целина”, истакнува гувернерката. 

Ангеловска-Бежоска посочи дека покрај мерките за одржување на финансиската стабилност, централната банка презема мерки и за заштита на потрошувачите, вклучително и за поголема транспарентност на цените на одделни основни банкарски производи, либерализацијата на пазарот на платежни услуги, како и формирањето на новата Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација. „Од минатата година започнавме и со посебни, целни контроли врз банките, во однос на тоа колку се транспарентни банките, колку ги почитуваат договорните односи со клиентите, колку ја почитуваат законската регулатива којашто предвидува заштита на корисниците и доколку со контролата се увиди кршење на регулативата, изрекуваме прекршоци”, посочи Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката говореше и за поставеноста на монетарната политика и посочи дека таа ќе зависи од макроекономските податоци, односно од инфлацијата и состојбите на девизниот пазар, но и од поставеноста на монетарната политика на Европската централна банка (ЕЦБ), поради фиксниот курс на денарот во однос на еврото. Таа истакнува дека е најважно да се стабилизираат инфлацијата и инфлациските очекувања. „Доколку се задржат тековните поволни трендови кај инфлацијата и кај девизниот пазар, а изостанат ризиците, тоа секако ќе остави простор за водење пофлексибилна монетарна политика”, посочи Ангеловска-Бежоска.

Треба да знаете
Последни објави