САД објавија фотографии од пресретнат брод полн со иранско оружје наменет за Хутите

Централната команда на Соединетите Американски Држави денеска објави на „Икс“, поранешен „Твитер“, дека бродот на американската крајбрежна стража, привремено распореден во Арапското Море, запленил „напредно конвенционално оружје и друга смртоносна помош“ по потекло од Иран. Смртоносниот товар бил запленет на брод во Арапското Море, кој се движел кон областа на Јемен, контролирана од исламистичките бунтовници Хути. Во соопштението се вели дека бродот на крајбрежната стража од класата „Сентинел USCGC Clarence Sutphin Jr“ го лоцирал бродот, а американските сили се качиле на него. Откриени се повеќе од 200 пакети, кои содржеле компоненти на балистички ракети со среден дострел, експлозиви, компоненти на беспилотни подводни и површински возила, воена комуникациска и мрежна опрема, склопови за фрлачи на противтенковски наведувани ракети и други воени компоненти. Директното или индиректното снабдување, продажба или пренос на таква помош ја прекршува Резолуцијата 2216 на Советот за безбедност на ОН, соопшти американската војска. „Ова е уште еден пример за злонамерната активност на Иран во регионот“, рече генералот Мајкл Ерик Курила, командант на Централната команда на Соединетите Американски Држави. „Нивното континуирано снабдување со напредно конвенционално оружје за Хутите е директно кршење на меѓународното право и продолжува да ги поткопува безбедноста на меѓународната пловидба и слободниот проток на трговија“, додаде тој.

Треба да знаете
Последни објави