Косовскиот премиер Албин Курти на третата годишнина од неговата влада се пофали себеси и кабинетот за сработеното во овој период. Опишувајќи ја неговата влада како најголемата демократска промена по војната, шефот на владата рече дека за овие три години Косово напредувало во многу аспекти, меѓу кои и во надворешната политика. „Ние ја унапредивме надворешната политика, оваа година се спроведе визна либерализација. Тоа го направивме иако не ветивме“, изјави Курти. Сепак, познавачите оценуваат дека во целиот овој период надворешната политика на земјава нема никаков напредок. „Немаме никакво членство во значајни меѓународни организации и немаме ниту признанија, ниту други напредоци на ова поле“, вели Висар Џани, експерт за политички прашања. Тој додава и дека за прв пат со владата на Курти земјата се соочува со казнени мерки. „Косово за прв пат се соочува со мерки и санкции што ги немавме во минатото, а имаме и изјави од важни дипломати од САД кои го изразуваат своето незадоволство во однос на комуникацијата и дипломатските односи“, рече Џани. Албин Курти се пофали и со проширување на суверенитетот, зголемување на буџетот за Косовските безбедносни сили и создавање подобри социјални услови. Ден претходно косовскиот премиер ги отфрли сугестиите на американскиот помошник државен секретар Џејмс О’Брајан дека Косово го загрозува партнерството со САД по одлуката за забрана на српскиот динар. Говорејќи пред новинарите во Призрен, иако не ги слуша, Курти рече дека ги цени САД како најважен партнер на Косово. „Република Косово нема важен партнер, сојузник и пријател како САД, јас така ги сметам и соработувам со нив како премиер на Косово“, рече Курти. Тој зборуваше еден ден откако О’Брајан изјави за Гласот на Америка дека САД можеби нема да го третираат Косово како партнер ако донесуваат одлуки без да се консултираат со него, по одлуката за забрана на српскиот динар. „Јавно не упатувам нејасни закани. Би рекол, ако не третираат како партнери, нема да ја третираме ниту владата на Косово како партнер“, рече О’Брајан во вторникот. Настојчиво прашан од новинарите за изјавата на О’Брајан, Курти неколку пати повтори: „Не нѐ загрозува, не нѐ загрозува“.