Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави зголемување на бројот на министерствата доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да создаде ново парламентарно мнозинство по изборите. Зголемувањето на бројот на министерствата го претстави како план за „озбилна трансформација на Владата“: „Ние прво планираме една озбилна трансформација на Владата и тоа ќе биде коалициски договор. Во кој смисол трансформација? Цениме дека прво треба да има рекомпонирање на Владата бидејќи оваа структура одговара на некои времиња од пред 25 – 30 година.“
На прашање на новинарот „Намалување на министерства?“, Мицкоски јасно кажа „Не“, и почна да ги набројува новите министерства: „Не. Едно е институции а друго е министерства. Цениме дека министерството за економија е преголемо и не одговара соодветно на потребите на модерните времиња. Оттука цениме дека наместо да имаме одделение или сектор во Министерството за економија, за енергетика, рударство и минерални суровини, имајќи предвид модерните потреби и потребите на државата и граѓаните, едно ново министерство за енергетика, минерални суровини и рударство е потребно да имаме.“
Покрај ново министерство за енергетика, минерални суровини и рударство, Мицкоски најави и ново министерство за дигитализација: „Понатаму планираме јасно министерство за дигитализација, процес кој ќе има главна задача, намалување на корупцијата во институциите, а зголемување на транспарентноста и отчетноста. Министерство за дигитализација или проектот СМАРТ Македонија ќе ни биде еден од главните приоритети.“
Според Мицкоски и Министерството за политички систем би останало, а би вовел и ново министерство за спорт: „И конечно ценам дека спортот како главен амбасадор на една нација, една држава треба да добие свое министерство, односно министерство за спорт.“
Во 2019 година, во обраќањето до делегатите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова ветуваше намалување на бројот на министерства: „Ќе дадам еден предлог, да се намали бројот на министерствата. Срамота е во земја која е една од најсиромашните да имаме 28 министерства, а Швајцарија да има седум“, изјави Силјановска Давкова пред да биде избрана за кандидатка за претседател на државата од страна на ВМРО-ДПМНЕ во 2019 година.