Унгарскиот парламент може да го ратификува барањето на Шведска за членство во НАТО кога ќе се состане на пролетната сесија на крајот на овој месец, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан. Добра вест е што нашиот спор со Шведска наскоро ќе биде завршен“, рече Орбан, пренесе Ројтерс. Орбан додаде дека тој и шведскиот премиер Улф Кристерсон презеле чекори за обнова на довербата меѓу двете земји. Орбан не кажа кои се тие чекори, наведува британската агенција. Се очекува унгарскиот парламент да ја започне седницата на 26 февруари. Двопартиска делегација од американскиот Конгрес ќе ја посети Унгарија во недела за да изврши притисок врз Будимпешта да ја ратификува кандидатурата на Шведска за членство во НАТО кога унгарскиот парламент повторно ќе се состане по зимскиот распуст, соопшти во петокот Амбасадата на САД во Будимпешта. Амбасадата објави дека сенаторите патуваат во Унгарија за да разговараат за „стратешките прашања со кои се соочуваат НАТО и Унгарија“ со унгарските власти. „Пристапувањето на Шведска во НАТО е прашање што директно влијае на националната безбедност на САД, а исто така и на безбедноста на Алијансата како целина“, рече американскиот амбасадор во Будимпешта Дејвид Пресман претходно овој месец. Унгарија е единствената земја членка на НАТО која го нема ратификувано шведското барање.