Песков без одговор кога ќе биде предадено телото на Навални на семејството: „Кремљ не се занимава со тоа“

Кремљ нема информации кога телото на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во затвор, би можело да му биде предадено на неговото семејство по завршувањето на потребните процедури, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Ова прашање не треба да биде упатено до нас. Ние не се занимаваме со тоа, тоа не е опис на работата на претседателската администрација“, рече Песков, пренесува „ТАСС“.

Тој оцени дека изјавите на западните политичари, кои го обвинија рускиот претседател Владимир Путин за смртта на Навални, се безобразни, додавајќи дека истрагата е во тек и дека се преземаат сите неопходни мерки, но резултатите од истрагата се уште не се јавно објавено..

„Во услови кога нема достапни информации, сметаме дека е апсолутно недозволиво да се даваат вакви, искрено, безобразни изјави. Непримерно е за државници од чии усти слушнавме вакви изјави. Се разбира, тие не можат да му наштетат на нашиот претседател, но не им користат ниту на оние кои даваат такви изјави“, рече Песков.

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални почина во петокот на 16 февруари, соопшти Федералната поправна служба на Русија за областа Јамало-Ненец, додавајќи дека Навални се чувствувал лошо по утринската прошетка и изгубил свест, по што неуспешно бил реанимиран.

Навални служеше затворска казна за основање и финансирање на екстремистичка организација и нејзините активности, а беше познат како остар критичар на Кремљ.

Многу западни политичари ги обвинија руските власти и рускиот претседател Владимир Путин за смртта на Навални.

Треба да знаете
Последни објави