(Видео) Николов: Метлата треба прва да заигра во Министерството за здравство и ФЗО

Се повеќе медицински персонал ја напушта земјата. Несоодветно се користи опремата во здравството, изјави Игор Николов, од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција. Тој рече дека податоците од здравствените регистри не се користат за креирање на соодветна здравствена политика, а лековите од позитивната листа за пациентите ги има само првите денови од месецот.

„Една третина од здравствените услуги се плаќаат приватно, а тоа сугерираат за намалување на квалитетот на јавното здравство. Недоволно средства се одвојуваат за превенција од малигни заболувања. Нема национална програма за рано откривање на рак на дојка и рак на грло на матката. Лимитиран и недоволен пристап до информации за стручњаците за пациентите со ретките болести, кои се оставени само на здруженијата на граѓани“, изјави Николов.

Тој укажа дека ова се дел од забелешките што биле наведени во Извештајот за Македонија подготвен од Европската комисија што се однесуваат на здравството. Николов смета дека премиерот Зоран Заев заедно со Министерот за здравство, Венко Филипче и директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, наместо да ги користат финансиските ресурси на здравствениот систем за подобрување на здравствените услуги кон граѓаните, единствено се фокусирани за нарушување на функционалноста на јавното здравство.

„После ваквиот извештај на Европската комисија, Филипче заедно со Дончев, треба да бидат првите кои ќе ги измете метлата. Во извештајот од Брисел ни укажуваат соодветно да се користат податоците зошто дури ни податоците не знаат како да ги користат. Не ги ни гледаат! Ги имаат, но им стојат реда – ради. А ова е една од најважните работи. На пример, само ако се следи бројот на болни од една болест и соодветно се менуваат квотите за лекови нема да имаат граѓаните потреба да чекаат по аптеките, да поминуваат по 20-тина аптеки дневно да проверат дали го има лекот или го нема лекот, да бараат познати да им чуваат лекови, да ги ангажираат своите деца тоа да го прават и за нив“, додаде Николов.

Опозицијата смета дека министерот Филипче и Министерството за здравство имаат и многу други пропусти, меѓу кои и со епидемијата на морбили.

„Целосно фијаско заради доцнење на мерките за теренска вакцинација и вакцинација на медицинскиот персонал. Затоа тоа метлата треба прва да заигра во Министерството за здравство и во Фондот за здравствено осигурување“, додаде Николов.

Треба да знаете
Последни објави