– Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел денеска изјави дека за време на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи, 26 од 27-те земји на ЕУ побарале од Израел да не почнува офанзива врз градот Рафа на југот на Појасот Газа и повика на „итна хуманитарна пауза, што ќе доведе до одржлив прекин на огнот“ во таа палестинска енклава.
Тој на прес-конференција предупреди дека воената операција во Рафа ќе ја влоши „веќе катастрофалната хуманитарна ситуација и ќе го спречи итно потребното обезбедување на основни услуги и хуманитарна помош“.
Денеска, 26 (земји-членки) ја изразија својата поддршка за ова соопштение и издадоа ново, кое во суштина е исто како она што го издадов викендот, но со дополнителен параграф во кој се бара итна хуманитарна пауза, што ќе доведе до одржлив прекин на огнот, до безусловно ослободување на заложниците и обезбедување хуманитарна помош, рече Борел, но не прецизираше која земја не се согласува со тоа.
Тој, исто така, посочи дека е постигнат договор со наредбата на Меѓународниот суд на правдата да се бара почитување на хуманитарното право и дека тоа е правно обврзувачка одлука. Министрите на ЕУ, рече Борел, исто така се согласија дека Израел треба да стори повеќе за да ја олесни помошта и да ги заштити цивилите.
Тој додаде дека шефовите на дипломатиите разговарале и со високиот координатор на ОН за хуманитарна помош и обнова на Појасот Газа, Сигрид Каг, која, како што нагласи, инсистирала да не се прекине поддршката за Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА).
Како што наведе, на дневен ред било и прашањето за воведување дополнителни санкции, а шефовите на дипломатијата на ЕУ одлучија да продолжат да проучуваат како да постапат против „екстремистичките доселеници кои неселективно ги напаѓаат палестинските цивили на Западниот Брег“, како и како да постапат во случај на прекршување на човековите права од страна на Хамас и сексуалното насилство. „Одлучено е разговорите да продолжат“, додаде Борел.
Тој додаде дека на средбата се разговарало и за 13-тиот пакет санкции против Русија и изрази надеж дека овој пакет ќе биде одобрен пред 24 февруари. „Продолжуваме да разговараме за искористување на вонредните приходи остварени преку вложување на рускиот имот, кој е мобилизиран во ЕУ“, рече Борел и истакна дека целта е тоа да се искористи за да се придонесе за обнова на Украина. Борел нагласи дека се уште нема целосен договор меѓу земјите членки за спроведување на оваа одлука.
Тој додаде дека денеска во Брисел се разговарало со вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, Јулија Навални, која, како што рече, била поканета не само од лични, туку и од политички причини. Борел рече и дека е оддадена почит на нејзиниот сопруг кој, како што рече, „режимот на Путин полека го уби во руски затвор“. Кога станува збор за Украина, Борел рече дека министрите разговарале со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и рекле дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина.