Иако се уште не е одлучено дали ќе оди на кандидатура за втор мандат, граѓани на социјалните мрежи почнаа да пружаат поддршка за актуелниот претседател Стево Пендаровски да добие уште еден мандат.
Утрово со видео обраќање се обрати архитектот, политиколог и граѓански активист Тони Поповски, кој истакна дека Пендаровски има меѓународен углед, дека е човек кој поддржува граѓански иницијативи и активности, човек кој дава поддршка за развој и унапредување на интеркултурализмот во државата.
„Моја поддршка за кандидатурата на Стево Пендаровски. Во него автентичниот по граѓански каузи и проевропски граѓански сектор има докажан партнер за соработка. Пендаровски е умерен политичар кој обезбедува смирувачко присуство во политичкиот простор и има капацитет да посредува помеѓу лутите партиски ривали. Неспорен е и неговиот меѓународен углед не само како Претседател на Републиката туку и како меѓународно угледен безбедносен експерт. Таа експертиза нас како држава и општество ни е неопходна во едно зовриено геополитичко опкружување“ се вели во објавата на Поповски.