Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на хуманитарната организација „Ел Хилал”, предводени од Бехиџудин Шехапи, претседател на организацијата.
Претставниците на организацијата го информираа претседателот Пендаровски за тековните активности на „Ел Хилал”, која со преку 16 ограноци, односно 4 во Скопје и 12 во другите градови, дејствува на целата територија на државата. Нивната мисија, како што посочија, е постојано да бидат блиску до најранливите, до граѓаните коишто се во потешка финансиска состојба. Во оваа насока потенцираа дека покрај помош во храна и други неопходни производи, на загрозените повеќечлени семејства им обезбедуваат и постојани живеалишта, а годишно доделуваат и од 30 до 60 стипендии на успешни студенти.
Истакнувајќи дека со своето тридецениско дејствување „Ел Хилал” е првата невладина организација формирана во земјата, од организацијата потенцираа дека помагаат на сите граѓани на кои им е неопходна помош, без разлика на нивната верска или национална припадност, бидејќи како што велат, мора заедно да дејствуваат, кога е во прашање хуманоста. Во организацијата се регистрирани 3.000 семејства.
Претседателот Пендаровски на средбата оддаде признание за придонесот и заложбите на „Ел Хилал” во борбата против сиромаштијата и обезбедување на социјална кохезија во нашето мултикултурно и мултирелигиско општество.