Николовски: Го зајакнуваме договорното производство на сончоглед, интервентна мерка од 5 денари по килограм предаден сончоглед 

Денеска во Велес министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски разговараа со производителите на сончоглед.

Најдобрите мерки во земјоделието, кои секогаш докажано дале резултати, се оние што се креираат заедно, партнерски меѓу министерството и земјоделците, истакна на средбата со производителите на сончоглед министерот Николовски.

Министерот ги презентираше новите мерки за поддршка на земјоделците за 2024 година, како и мерката за поддршка до производителите на сончоглед во Интервентната програма за 2024 година.

„Новата мерка во Интервентната програма предвидува финансиска поддршка за сончоглед предаден во регистрирани капацитети за откуп директно, или преку еден откупувач, поддржувајќи ги земјоделските стопанства со 5 денари по килограм предаден сончоглед кај регистрирани откупувачи. Мерка со која уште повеќе и посилно го јакенеме концептот за договорно производство”, изјави министерот Николовски.

Оваа мерка е потврда за успешната соработка меѓу министерството и земјоделците. Мерка која доаѓа како предлог на здружението на земјоделци производители на сончоглед, прифатена од министерството, а поддржана и од најголемиот производител на масло за јадење.

Интервентна прогрма е отворена програма, која дава можност да се креираат мерки за поддршка на секој еден земјоделец, секогаш кога ќе се јави потреба од тоа. Единствени сме во регионот кој имаме ваква Интервентна прогрма, која даде резултати и веќе втора година ја применуваме, како можност плус за поддршка на земјоделците.

Преку Интервентната програма и досега биле креирани неколку мерки за поддршка на производителите на сончоглед. Во 2022 година, кога секаде низ светот, како последица на кризата, дојде до зголемување на цените за вештачко ѓубриво, навремено преку Интервентната програма се обезбеди дополнителна поддршка до 40% од трошоците за набавка на вештачко ѓубриво за производителите на житни култури.

Министерот Николовски на средбата со производителите на сончоглед истакна дека од оваа година поддршката за зелена нафта се зголемува на 100%, за сите земјоделци.

„За уште поголема поддршка на земјоделците во своето производство од оваа година поддршката за зелена нафта ја зголемуваме за 100%. Зборот што пред земјоделците го дадовме го исполнивме. Па така производителите на сончоглед од оваа година ќе добиваат 4.800 денари по хектар поддршка за зелена нафта”, истакна министерот Николовски.

Тој се осврна и на новиот модел за субвенционирање, кој успешно стартуваше во 2023 година, а кој на земјоделците им дава поголема сигурност и поддршка.

„Сведоци сте вие земјоделците дека денес, како никогаш до сега, субвенциите не биле поредовно исплаќани. На крајот од 2023 година сите земјоделци на своите сметки, за прв пат, добија авансна исплата на основните субвецнии за истата 2023 година. Можност која доаѓа токму од новиот модел за субвенционирање. Исплатата на дополнителните субвенции веќе е започната. Исплатени се субвенциите за лозарите, следуваат на сточарите и другите категории земјоделци”, истакна министерот Николовски.

Заедно со земјоделците овие години докажаме дека можеме да ги подобриме работите и да постигнеме резултати. Докажавме дека има разлика и може да биде подобро. Заедно и ќе продолжиме да го развиваме македонското земјоделство, порача на средбата со производителите на сончоглед во Велес министерот Николовски.

Треба да знаете
Последни објави