Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, како и амбасадите на Швајцарија, Романија, Грција и Албанија, денеска ќе ја претстават културната програма и другите активности за одбележување на Франкофонијата во текот на март и почетокот на април годинава. Настанот ќе се одржи во 11:30 часот во Европската куќа во Скопје.
Организаторите информираат дека на настанот ќе се говори за универзалните вредности на Франкофонијата, важечки не само за земјите членки на оваа меѓународната организација, туку и за сите земји кои го почитуваат францускиот јазик и јазичниот диверзитет, солидарноста, мирот, демократијата и човековите права како ултимативни општествени вредности.
Амбасадорите на земјите членки на Франкофонијата очекуваат присуство и на нивните партнери: почесните конзули на Белгија и Луксембург, претставниците на Министерствата за надворешни работи, Националната Галерија и Кинотека на Северна Македонија.
Северна Македонија е полноправна членка на Франкофонијата од 2006 година.