(Видео) Влада Урошевиќ: Пендаровски е врвен интелектуалец кој не го ветува невозможното, туку досегливото

Еден од најпознатите и најмаркантни современи македонски писатели, Влада Урошевиќ, преку видео обраќање даде поддршка за нов мандат на актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски. 

„Во пресудните мигови за една земја кога таа стои пред судбински решенија историјата се погрижува ако земјата има среќа да истакне во преден план личност која може да одговори на предизвиците. Во Стево Пендаровски имаме една таква личност. Неговата кандидатура за претседател на Република доаѓа природно и логично. Станува збор за еден врвен интелектуалец кој не се занесува со романтичарски приказни за минатото и кој стоејќи пред иднината не го ветува невозможното туку досегливото“ вели Урошевиќ.

Професорот Пендаровски, додава тој, е човек кој цврсто стои во реалноста и кој знае во каков жесток и суров свет живееме и што треба да направиме за во него да преживееме. 

„Тој е вистинскиот човек појавен во вистински момент и јас во него гледам личност која навистина достоинствено и со чувство на одговорност може да одговори на тешката и одговорна задача да биде претседател на Република Северна Македонија. Јас верувам во него“ порача Урошевиќ.

Урошевиќ е автор на десеттина романи, на исто толку збирки раскази и поетски книги, освен со пишување се занимава и со преводи на книжевни дела, член е на МАНУ и добитник на бројни награди и признанија меѓу кои „Рациновото признание“ наградата „Свети Климент Охридски“ наградата „Златен Венец“ на Струшките вечери на поезијата и многу други.

Треба да знаете
Последни објави