Денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, во рамки на серијата посети по Секторите за внатрешни работи, беше во работна посета на Полициското одделение Дојран и на Полициска станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран, каде што оствари работни средби со раководствата на СВР Струмица, Одделението за внатрешни работи Гевгелија и Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ, а потоа ќе оствари и работна средба и со градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов.
„Од средбите со раководствата на овие организациони единици бев информиран за преземените интензивни мерки и активности со цел спроведување на дадените приоритети од контролната стратегија во насока на одржување на поволен јавен ред и мир и спречување и намалување на регистрирани кривични дела на подрачјето од нивна надлежност, што е особено значајно за безбедноста на ова туристичко подрачје.
Првите два месеци од 2024 година во однос на минатата 2023 година, СВР Струмица бележи намалување на регистрираните кривични дела со непознат сторител, односно регистрирани се вкупно 64 (78) кривични дела, но има процентуално зголемување во нивната реализација, односно, во 2024 година постигната е 10% поголема ефикасност во реализацијата на овие дела во однос на истиот период минатата 2023 година.
Најмногу кривични дела во јануари и февруари 2024 година, СВР Струмица има поднесено за „вршење јавен превоз без поседување лиценца“, при што поднесени се вкупно 9 кривични пријави за сторени 12 кривични дела против 14 сторители”, истакна Бојмацалиев.