Доколку се укине надоместокот за пристап до дистрибутивната мрежа во износ од 200 денари, тогаш евтината тарифа на струјата ќе се зголеми за речиси 15 отсто, а ќе поскапат и блок тарифите, најмногу оние од првиот и од вториот блок. Ова денес на прес-конференција го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Ваквата негова реакција, иако никого не спомена со име и презиме, доаѓа како одговор на најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека доколку добие доверба да формира влада ќе го укине овој надоместок. -Ниту некоја партија претходно ја вовела евтината тарифа, ниту пак некоја партија може да укине надоместок за приклучување на дистрибутивна мрежа. Тоа исклучително може да го направи РКЕ и тоа го правиме врз основа на факти, врз основа на бројки кои што секогаш треба да ги штитат интересите на најголемиот дел од домаќинствата, рече Бислимоски. На промоцијата на изборната програма на партијата на ВМРО ДПМНЕ, „Платформа 1198“, лидерот на Мицкоски, меѓу другото рече дека ќе ја укине тарифата за пристап на мрежа.Според Бислимоски, овој надоместок не обезбедува никакви екстра профити за учесниците на пазарот на електрична енергија, бидејќи моделот предвидува регулиран максимален приход кој што се определува за компанијата „Електродистрибуција“ која што врши дејност за дистрибуција на електрична енергија. -Доколку ставиме нула денари кај надоместокот за пристап до мрежа, нема да има никаква промена во регулираниот максимален приход на компанијата ‘Електродистрибуција’. Значи, дали ќе има 200 денари или ќе нема 200 денари, приходот е ист. Но, кога ќе ги видиме цените, еве го делот за мрежарина без надоместок, тој ќе се зголеми за 25,59 проценти, врз основа на што цената на електричната енергија во првиот блок (вкупно и енергија и мрежарина) би се зголемила за 9,03 проценти, цената на вториот блок би се зголемила за 7,78 проценти, на третиот за 6,4 проценти, а на четвртиот блок за 3 проценти“, вели Бислимоски. Најнегативно, според оваа математика, би се одразило на евтината тарифа на струјата, која би се зголемила за 14,53 проценти.