Низа камени пирамиди биле изградени во срцето на Мексико пред повеќе од 2.500 години. Благодарение на неодамнешните археолошки ископувања, истражувачите открија дека староседелците го користеле местото за верски обреди.
Пирамидите, најмалку 10 на број, се наоѓаат на поголемо наоѓалиште кај Сиера Норте во сојузната држава Пуебла, средишно Мексико. Изминативе 15 години археолозите ископале три од нив, и тие го сочинуваат тн. „Голем плоштад“. Домородните луѓе ги користеле овие изградби за обредно-религиозни цели, но и астрономски набљудувања, соопшти Националниот институт за антропологија и историја на Мексико.
Наодите датирани меѓу 600. и 200. година п.н.е., укажуваат на седентарен живот, како и следење на земјоделскиот циклус. Древните народи во ова подрачје на тој начин воделе прецизни земјоделски календари користејќи ги ѕвездите и небото.
Пронајдените бројни артефакти и откритија го потврдија древното знаење за астрономските набљудувања. Меѓу ископаните предмети има изгорена ќерамика и парчиња опсидијан, коишто древните жители ги користеле како дарови. Пирамидите денес се многу оштетени од „забот на времето“, подоцнежните сточарски дејности и вадењето камен за изградба на околните куќи, според надлежните лица.
Откриено е и дека главната пирамида била поставена така што можело да се набљудува ѕвездата Канопус – една од најсветлите на ноќното небо во февруари.
Инаку, не се знае точно зошто овие жители го напуштиле тоа место и најверојатно се преселиле во Теотихуакан и други делови на денешно Мексико, се наведува во соопштението. Имало и повремено враќање на дел од преселниците подоцна. Следат и натамошни истражувања на археолошкото наоѓалиште, поради што тоа ќе остане затворено за јавноста.