Безбедноснте мерки во главниот град на Украина, Киев, ќе бидат засилени откако Русија изврши серија напади со балистички ракети и поради можност за ескалација, изјави денеска градски функционер.
Русија минатата недела започна координирани воздушни напади врз енергетскиот систем на Украина, како дел од, како што рече Москва, „одмазднички“ напади поради украинското бомбардирање на руските региони.
Оттогаш, Москва ја зголеми употребата на балистички ракети, кои се многу побрзи од конвенционалните крстаречки ракети и потешки за соборување, во нападите врз градовите.
Зголемување на безбедноста во врска со организирани јавни настани и големи собири
Серхи Попко, шеф на воената администрација на Киев, рече дека советот за одбрана на градот ќе разгледа што да прави во врска со организирањето јавни настани и ќе ја зголеми безбедноста околу големите собири.
Попко истакна дека ваквата одлука е донесена поради руските изјави и употребата на проектили кои ја погодиле целта за неколку минути по истрелувањето. Тој додаде дека руските агенти „и други непријателски елементи“ можеби се обидуваат да се инфилтрираат во градот.
„Го молам жителите на Киев да останат смирени. Не паничете. Користиме превентивни мерки за Киев и неговите жители да бидат сигурно одбранети“, објави тој на Телеграма.
Украинските власти редовно ги повикуваат своите западни сојузници да обезбедат повеќе системи за противвоздушна одбрана и муниција за да се спречат се почестите руски ракетни и беспилотни напади.