Најмалку две лица загинаа, а неколку беа повредени кога суданските безбедносни сили пукаа на демонстрантите пред зградата на Министерството за одбрана во центарот на Картум рано изутрина, објавија арапските телевизиски станици.
Според „Ројтерс“, акцијата сè уште е во тек.
„Демонстрантите се масакрираат во предавнички обид да се прекинат демонстрациите”, се вели во соопштението на главната опозициска група, барајќи од луѓето да им помогнат.
На снимките што ги емитуваат арапските телевизии може да се видат запалени шатори на демонстрантите и учесници на протестот кои бегаат од местото на настанот.
Акцијата на војската беше спроведена по неколкунеделен застој во преговорите со демонстрантите кои бараа воспоставување на цивилна власт, откако армијата го собори претседателот Омар ал-Башир во април, по 30 години владеење.



