Поранешниот американски претседател Доналд Трамп објави дека доставил гаранција од 175 милиони долари пред судот во Њујорк, откако беше одложена наплатата на повеќе од 454 милиони долари кои треба да ги плати по пресудата за граѓанска измама.
Оваа гаранција го спречува запленувањето на имотот на Трамп додека тој се жали на пресудата.
Доколку неговата жалба против пресудата биде одбиена, Трамп ќе мора да ја плати целата сума од 454 милиони долари, плус камата.
Ако жалбата на Трамп биде прифатена и обвиненијата бидат отфрлени, тој нема да мора ништо да и плати на државата и гаранцијата што ја дал ќе му биде вратена.
На 25 март судот се согласи да ја одложи наплатата на 454 милиони долари на Трамп доколку тој плати 175 милиони долари во рок од 10 дена, пренесува Нова.
Истиот суд ќе ги слушне аргументите на Трамп во септември, неколку недели пред претседателските избори кои ќе се одржат на 5 ноември.
Судот претходно пресуди дека Трамп и неговата компанија незаконски ја преувеличувале вредноста на своето богатство и манипулирале со вредноста на имотот за да добијат поволни заеми од банките и поволни услови од осигурителните компании.