Во просториите на Општина Новаци се одржа регионален настан „Одржливи општински услуги во секторот отпад – Предизвици и патот напред“ чија цел беше обезбедување поддршка на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и во Југозападниот плански регион преку презентација на резултатите од спроведените анализи, плановите за развој и креирање форум за соработка помеѓу општините во двата региона, во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“.
Настанот го отворија: Стевче Стевановски – Градоначалник на Општина Новаци, Микаел Атерхог – Раководител за развојна соработка при Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, Душица Перишиќ – извршен директор на ЗЕЛС и Пеле Халберг – меѓународен експерт од САЛАР Интернационал, а беа присутни 8 градоначалници и претставници од 15 општини од двата региона. Во своите обраќања говорниците ја истакнаа важноста на проектот кон воспоставување интегриран систем и одржливи практики за управување со отпад во двата региона.
На настанот беа презентирани постигнатите резултати од проектот: усвоените локални акциски планови за управување со отпад во 14 општини како и извршената проценка на капацитетите на општините да испорачаат интегрирани и инклузивни комунални услуги. Беа презентирани конкретни мерки за подобрување во општинските администрации, инфраструктурата, финансиската стабилност и подигнување на јавната свест за одржливо управување со отпадот, а беа споделени и резултатите од извршената анализа на ризиците од пожари на депониите и мерки за нивна превенција.
На настанот беа споделени и практични примери од Шведска за подобро управување со отпадот преку меѓуопштинска соработка и зголемување на ефикасноста низ заедничко користење на достапните ресурси.
Настанот исто така се осврна и на претстојните чекори кои општините треба да ги преземат за воведување на регионалниот систем за управување со отпад, а особено на формирањето на регионалното комунално претпријатите и утврдување на локациите за изградба на претоварните станици.