Албанскиот парламент синоќа го усвои Законот за амнестија со 110 гласови “за” еден против и еден воздржан, а пред гласањето салата ја напуштија демократите приврзаници на Љуљзим Баша, јави Топ чанел.
Министерот за правда Улси Мања презентирајќи го Предлог-законот за „Кривична амнестија“, рече дека корист ќе имаат 1.100 затвореници, при што 700 ќе бидат ослободени веднаш, а на останатите 400 ќе им биде намалена казна.
Во исто време на 2.700 лица ќе им биде укината условната казна.
Опфатени се лица осудени со правосилна пресуда до 31 март 2024 година, што е по предлог на опозицијата. Бенефит имаат осудениците мажи кои имаат помалку од четири години затворска казна, жени и малолетни лица кои им останува уште пет години од казната. Амнестијата важи за жените над 50, мажите над 60 и лицата под 18- годишна возраст, рече тој.
Од неа се исклучени осуденици за семејно насилство, организиран криминал, трговија со голема количина дрога.
Според Мања, со ова, покрај другото, ќе се овозможи оптимизација на капацитетите во затворите.
-Имаме 5.818 лица кои моментално се во затворските институции. Од нив 3.158 се во притвор, 2.204 се осудени, а 458 се под лекарска мерка од судот. Нашата земја не само во регионот, туку во Европа, има најголем број на осудени на доживотен затвор, рече Мања.
Законот подготвен уште во септември минатата година, со помош на експерти од ЕУ, досега не беше ставен на дневен ред поради несогласувањата меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата, чија согласност беше неопходна поради потребните две третини од 140 пратеници, колку што брои законодавниот дом.
Во Албанија последната амнестија беше онаа од 2020 година, кога беа опфатени 170 затвореници.