Поранешниот министер за здравство, сега носител на листа на коалицијата предводена од СДСМ за парламентарните избори, Венко Филипче при посетата на Неготинио потсети дека во изминатите седум години многу е направено за подобрување на условите во здравството, а исто така истакна дека СДСМ постигна историски најголемо зголемување на платите на лекарите.
„СДСМ е првата политичка партија во Владата која повеќекратно ги зголеми платите во здравствената дејност, конкретно на здравствените работници, медицинските соработници и на техничкиот персонал. Планираме уште едно драстично зголемување на платите. Докторите специјалисти да имаат плата од 140.000 до 180.000 денари, општите доктори плата од 120.000 денари, а медицинските сестри плата од 60.000 до 90.000 денари”, рече Филипче.
Пристапот до квалитетна здравствена заштита го диктира основниот квалитет на живот. Затоа ќе ставиме голем фокус на ова прашање и ќе продолжиме да се залагаме за уште подобро здравствено осигурување.
„Тоа значи инвестирање не само во постоечкиот здравствен персонал, туку и создавање на нов квалитетен и високообразован кадар. Во таа насока, планираме зголемување на квотата за студенти на јавните високообразовни установи за медицина, стоматологија и фармација, како и укинување на партиципацијата за студирање. Преку овие мерки, целта е да ги стимулираме младите да се посветат на своето образование и кариера, и да ја изградат својата иднина во дома, обезбедувајќи им конкурентни услови што се слични на оние во европските земји”, истакна Филипче.