Просечна пензија од 30 илјади денари вети неврохирургот Д-р Филипче во Радовиш

Носителот на листа на кандидати за пратеници од СДСМ и Kоалицијата за европска иднина во Изборна единица 4, д-р Венко Филипче вчера беше во Радовиш каде што оствари средби со пензионери и со лица со дијабетес со коишто разговараше за мерките предвидени во новата „Програма за европска иднина”.

На средбата со пензионерите, д-р Филипче потсети на досегашните заложби на Владата предводена од СДСМ за подигнување на стандардот на пензионерите. Тој рече дека и во новата програма ниту пензионерите, ниту останатите социјално ранливи категории не се изоставени и истата предвидува низа мерки за унапредување на квалитетот на животот на пензионерите. Филипче потсети и на мерките кои ги реализирал тој како министер од кои пензионерите имале директен бенефит.

„Целосно ги укинавме квотите за лековите на рецепти. Не така одамна беа времињата кога се трчаше од први до петти во месецот за да се земат лековите коишто после тоа се трошеа и немаше веќе лекови на рецепт. Целосно ја укинавме партиципација за пензионерите коишто имаат потпросечен пензија, а сега во новата програма ја укинуваме за буквално сите пациенти. Значи секој кој што оди на доктор од сега па натаму во следниот наш мандат нема да плаќа повеќе партиција од 20%” – рече Филипче.

Рој истакна дека должност на помладите генерации е да се грижат за повозрасните и како министер возрасните секогаш му биле приоритет. 

„Се грижиме за тие што се грижеа за нас и затоа сакам да ви порачам на сите пензионери овде во Радовиш, но и пошироко, дека гарантираме зголемување на минималната пензија до 20.000 денари и просечна пензија до 30.000 денари, како и усогласување на пензиите секој јануари и јуни”, објасни Филипче.

Тој додаде дека покрај зголемувањето на редовните месечни пензионерски примања, пензионерите ќе добијат и дополнителни 6 илјади денари како новогодишен пакет на крајот на секоја година.

На средбите со лицата со дијабетес, д-р Филипче информираше за плановите предвидени за оваа важна категорија на пациенти во насока на подигнување на квалитетот на нивниот живот преку подобрување на терапијата што ја добиваат.

Филипче потсети дека во времето додека тој беше министер за здравство беа направени клучни промени во таа насока: укинување на паралелниот увоз на инсулин, набавка на три нови типови на инсулин, нов дијагностички центар за дијабетес на Клиниката за ендокринологија.

„Ќе продолжам да се залагам терапијата за дијабетичарите да биде навремена и секому достапна, како што беше кога бев министер, тогаш и во најголемата здравствена криза, дијабетичарите не останаа без терапија и без ленти, игли или гликемери. Ќе се залагам за повторно организирање на јавни едукации и трибини во насока на подигнување на свеста за лицата со дијабетес”, рече Филипче.

Ваквата непосредна комуникација, со сите граѓани, вклучително и со лицата со дијабетес и со нивните здруженија, ќе ја продолжам и во иднина, рече Филипче, со цел партнерски да креираме  решенија што ќе значат подобрување на условите и квалитетот на животот на лицата и децата со дијабетес.

Треба да знаете
Последни објави