Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше со своите колеги од Блискиот Исток и од Европа, изразувајќи ја својата поддршка за Израел по нападите од Иран, но исто така ја истакна важноста на стабилноста во регионот за да се спречи ескалација на конфликтот, соопшти Пентагон. Израел е под притисок од своите сојузници да покаже воздржаност и да избегне ескалација на регионалниот конфликт додека размислува како да одговори на масовниот ирански напад. Началникот на Генералштабот на израелската армија изјави дека земјата ќе одговори на иранскиот напад. Остин одвоено разговараше со бахреинскиот престолонаследник и премиер Салман бин Хамад Ал Халифа, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, неговиот германски колега Борис Писториус и катарскиот министер за одбрана Калид бин Мохамед Ал Атијах. Тој во разговорите ги осуди нападите на Иран истакнувајќи оти Вашингтон не бара ескалација на конфликтот. – САД не бараат ескалација, ние ќе продолжиме да го браниме Израел и американскиот персонал, наведе Остин. Тој во разговорот со Галант изрази поддршка за одбраната на Израел и ја потврдил стратешката цел за воспоставување регионална стабилност.