Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа одговори на прозивките на ВМРО-ДПМНЕ дека тој се среќавал со одредени политичари за да се најде начин за некаква амнестија.
Пендаровски побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да приложи барем еден доказ дека тој се среќавал со одредени политичари на тема амнестија, но во својот одговор, кандидатот за претседател и актуелен претседател најави нови, до сега необјавени детали за тоа кој сѐ од ВМРО-ДПМНЕ бил во неговиот кабинет.
„Тајни средби кај мене немало, меѓутоа, ако приложи доказ во таа смисла, а јас ви тврдам дека такво нешто не постои, јас тогаш можам него да го прашам дали го интересира кој сѐ барал прием кај мене. Да му кажам датуми, имиња и презимиња. Затоа што станува збор за неговите најблиски соработници од Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам и што барале од мене“.
Пендаровски додаде дека тоа се случило пред две и пол години а дел од тие функционери на ВМРО-ДПМНЕ денес се на високи позиции на листите за пратеници.
„Најблиските негови соработници пред две и пол години бараа прием од мене, беа примени и јас ќе му кажам што точно разговаравме“ порача Пендаровски.
Периодот од пред две и пол години во државата освен што се случија локални избори, каде ВМРО-ДПМНЕ победи со најголем број на освоени општини, немаше некои посериозни политички турбуленции, па сега за сега останува непознаница која била причината функционери на ВМРО-ДПМНЕ да бараат прием кај претседателот на државата.
До овој момент ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту Мицкоски се немаат огласено за наводите на Пендаровски, а како што се доближува изборниот ден и како што се засилува реториката, не е исклучено Пендаровски да излезе и со сите имиња и презимиња на функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои барале и добиле прием кај него.