Во повеќе од половина од 75-те најсиромашни земји во светот, и покрај нивниот важен потенцијал во суровини и активно младо население, бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител расте побавно отколку во богатите земји, што ја зголемува нееднаквоста, објави Светска банка (СБ).
-За една третина од овие земји, БДП по глава на жител сега е понизок отколку пред пандемијата на Ковид-19 – според извештајот објавен од Светската банка за земјите кои би можеле да имаат корист од заемите од Меѓународната асоцијација за развој (ИДА), подружница на Светска банка, под поволни услови.
Главниот економист на Светска банка, Индермит Гил, рече дека благосостојбата на овие земји е неопходна за долгорочен просперитет на светот.
– Денешните три економски сили – Кина, Индија и Јужна Кореја беа земјите кои профитираа од заемите од ИДА – додаде Гил.
Тој рече дека сите три земји напредувале, ја искорениле екстремната сиромаштија и го подобриле животниот стандард.
-Земјите финансирани од ИДА денес имаат потенцијал да го сторат истото со меѓународната помош – додаде Гил.
Во некои земји ситуацијата е уште покритична, со степен на екстремна сиромаштија осум пати повисок од светскиот просек.
Речиси 25 отсто од населението во тие земји живее со помалку од 2,15 американски долари дневно, а 90 отсто од луѓето кои се соочуваат со глад или неухранетост во светот се концентрирани во тие земји.
Извештајот предлага зајакнување на придонесот на меѓународните финансиски институции, со цел да им се помогне и да соработуваат во однос на големите светски проблеми.
Помошта за земјите во развој, особено оние кои моментално се во должничка криза, или се изложени на ризик да паднат во таква, ќе биде меѓу главните теми на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка оваа недела во Вашингтон.