Прволигашите Воска спорт и Тиквеш за правпат изборија пласман во финалето од фудбалскиот Куп на Македонија и на 22 мај ќе имаат прилика да се реадуваат на историски клупски успех освојување на големеиот преоден пехар. Воска спорт во два натпревари беше подобра за еден гол од бранителот на трофејот Македонија ЃП, а Тиквеш во пенал-рулет беше подобар од Шкупи. Македонија ЃП на домашен терен ја победи Воска спорт (2:1), но во финалето се пласира тимот од Охрид благодарение на домашната победа од 2:0 во првиот натпревар. Гостите од Охрид го постигнаа првиот гол на натпреварот, преку Јахији во 13.минута. Екипата од Ѓорче Петров направи пресврт со головите на Фазли во 25. и Велковски во 64.минута, но тоа не им беше доволно и да обезбедат меч за одбрана на трофејот. Мрежите на Тиквеш и Шкупи мируваа и на реваншот во Кавадарци (0:0), по што патникот во финалето го решаваа ударите од белата точка. Тиквеш пенал серијата ја доби со 5:3. Сите играчи на домашниот тим беа прецизни од белата точка, а за Шкупи не погоди уште во првата серија Илиевски.