Холанѓанецот ја тужи холандската држава и полицијата бидејќи, како што тврди, неправедно го ставиле на листата на потенцијални терористи и незаконски ги споделиле неговите податоци со други земји.
Поради ова, претходните години наидувал на проблеми на граничните премини низ светот, иако никогаш не бил осомничен за никакво кривично дело, објави холандскиот весник НРЦ.
Со оглед на тоа дека бил поврзан со тероризмот, Омар побара од НРЦ да не го споменува неговото презиме.
Неговите проблеми започнале во 2019 година, кога се обидел да замине во Турција со сопругата и нејзиниот татко. Чуварите на бугарско-турската граница му рекле дека „не може да влезе во Турција“ и го вратиле назад во Бугарија – пеш.
Пред четири години тој поднесе тужба за забраната за влез во Турција. Судот го отфрли неговиот случај, но пресудата откри дека холандскиот оддел на Интерпол испратил порака за него во други земји во 2015 година, во која се наведува дека „може да патува и да учествува во конфликтите во Сирија“, објави НЛ Тајмс.
Омар тогаш побарал информации од холандската полиција, а дури во 2023 година полицијата го известила дека е на списокот на потенцијални џихадисти од 2015 до 2017 година.
Во јули минатата година, холандскиот министер за правда Дилан Јешилгоз потврди дека таа го споделила списокот со САД. На списокот има неколку десетици холандски државјани, без конкретни докази против нив.
Адвокатите на Омар, Том де Бур и Емил Јуерјенс, изјавија за НРЦ дека тој ја тужи холандската држава и полиција и бара отштета, како и „активна помош“ во отстранувањето на неговите податоци од системите на „трети земји“ со кои биле споделени. Тој побарал и помош доколку повторно наиде на проблеми за време на патувањето.