Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска го оствари своето гласачко право на првиот круг од претседателските избори.
Во изјавата за медиуми, Ковачевски посочи дека денеска е првиот чекор кон определување на правецот кон кој ќе се движи државата.
„Денес е голем ден, прв круг претседателски избори. Очекувам граѓаните да го искористат, во голем дел, своето гласачко право. Ние во изминатите 7 години ја вративме заедно со граѓаните демократијата во државата, затоа верувам дека граѓаните имаат доверба во изборниот процес и тоа ќе го докажат со бројноста на своето гласање. Денес е првиот чекор кон големата одлука, првиот чекор на првиот круг претседателски избори на кои што ќе определиме во кој правец ќе се движи државата”, рече Ковачевски.
Во изјавата, Ковачевски посочи дека граѓаните сакаат да живеат во држава со европски стандарди и дека вториот голем чекор кон исполнување на оваа цел е на 8-ми мај, кога ќе биде вториот круг на претседателските избори и парламентарните избори.
“Дали ќе избереме да се враќаме кон минатото, кое што сакаме да го заборавиме, и кон стагнација или ќе одбереме кон прогрес и кон посветла иднина? Ние многу пати досега сме имале можност да се откажеме меѓутоа не сме се откажале. Затоа велам дека наредните две недели и особено на гласањето на 8- ми мај, треба да покажеме дека сакаме држава, која што држава ќе има европски стандард, квалитетно здравство, подобро образование, едноставно подобар систем. Постои проверен рецепт за тоа, а тоа е полноправно членство во ЕУ за кое што ние се залагаме и верувам дека граѓаните, и денес и на 8-ми мај, ќе поддржат таква иднина за Македонија, иднина во која што Македонија е дел од европското семејство, и ќе биде 28-ма земја членка на ЕУ”, рече Ковачевски.
При тоа, Ковачевски посочи нема да дозволиме враќање во минатото кога бевме заробена држава, кога бевме раскарани со соседите, кога немавме ниту еден чекор направено кон евроатлантските интеграции, туку напротив, и денес и на 8-ми мај граѓаните ќе покажат дека сме за европска иднина на Македонија, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.