Портпаролката на Стејт департментот на арапски јазик Хала Рарит поднесе оставка поради противењето на политиката на Вашингтон за војната во Газа, што е најмалку трета оставка на Стејт департментот поради истата причина.
Рарит служеше и како заменик-директор на Регионалниот медиумски центар во Дубаи и му се приклучи на Стејт департментот пред речиси две децении како офицер за политички и човекови права, според веб-страницата на Стејт департментот.
-Дадов оставка во април по 18 години работа бидејќи се спротивставувам на американската политика во Газа, напиша Рарит на платформата ЛинкдИн.
Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изјави дека Стејт департментот има канали преку кои вработените можат да го кажат своето мислење кога не се согласуваат со владината политика, пренесуваат британските медиуми.
Речиси еден месец претходно, Анел Шејлин од бирото за човекови права на Стејт департментот објави дека поднесува оставка, а функционерот Џош Пол поднесе оставка во октомври.
Високиот функционер во американското Министерство за образование, Тарик Хабаш, кој е Палестинец-Американец, поднесе оставка во јануари.
Соединетите Држави се под зголемени критики на меѓународно ниво и од групите за човекови права поради поддршката на Вашингтон за Израел во услови на израелска агресија врз Газа, која уби десетици илјади и предизвика хуманитарна криза во енклавата.
Во ноември, повеќе од илјада функционери на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), која е дел од Стејт департментот, потпишаа отворено писмо во кое повикуваат на итен прекин на огнот.
Војната во Газа, исто така, предизвика јавен дискурс и антивоени демонстрации низ САД, најважниот сојузник на Израел