Инфлацијата се намали од 19,8% на 4%, како резулат на монетарното затегнување и нормализацијата на цените на храната и енергијата, се наведува во заклучоците од овогодишниот економски и финансиски дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина. Европската комисија ги нотира мерките кои Народната банка ги превзема во изминатиот период, со цел да ја стабилизира инфлацијата, инфлациските очекувања и да ја поттикне денаризацијата. Во заклучоците се наведува дека банкарскиот сектор остана стабилен, со поволни показатели за адекватноста на капиталот и ликвидноста, како и ниски нивоа на нефункционални кредити. Европската комисија препорачува монетарната политика да остане затегната, онолку колку што е потребно, за да се закотват инфлациските очекувања на ниво кое ќе осигура стабилност на цените и на девизниот курс. Се наведува и дека е неопходно да се заштити независноста на централната банка во извршувањето на нејзините клучни законски задачи.
Во рамките на економскиот и финансискиот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина, којшто се води врз основа на поднесената Програма за економски реформи 2024 ‒ 2026 година од страна на земјите кандидатки, институциите на ЕУ даваат осврт и оцена на политиките и реформите во различни сфери на економијата и финансискиот систем, додека носителите на политиките даваат свој осврт и очекувања за идниот период.
Вицегувернерката Емилија Нацевска ја претставуваше Народната банка на дијалогот со ЕУ. Во своето излагање, таа истакна дека Народната банка ќе продолжи да води претпазлива монетарна политика, се додека со сигурност може да се каже дека процесот на дезинфлацијата е одржлив и дека на среден рок ќе се осигура ценовната стабилност. Таа посочи и дека Народната банка ќе продолжи преку мерки и регулаторни барања да ја зајакнува отпорноста на банкарскиот систем и да ги унапредува сопствените институционални капацитети за подобро справување со светските трендови и предизвици.
Вицегувернерката Нацевска ја истакна и заложбата на Народната банка во изминатиот период за спроведување на реформскиот процес за зајакнување на регулаторната рамка и приближување до стандардите на ЕУ. Таа посочи дека Планот за раст за Западен Балкан, дава можност за побрза интеграција на регионот во Единствената платежна област во евра (СЕПА). Народната банка веќе поднесе пред-апликација за влез во СЕПА и е подготвена да работи на затворање на евентуалните регулаторни јазови како предуслов за влез во СЕПА, што би донело повеќекратни предности за потрошувачите, компаниите и финансиските институции. Во своето излагање вицегувернерката се осврна и на придонесот на Народната банка кон зелената транзиција и подготвките на банкарскиот систем за овој процес. Народната банка го усвои првиот Среднорочен план во областа на управувањето со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година, кој предвидува активности за регулирање и надзор на климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на банките поврзани со климатски промени, а беа усвоени и Насоки за управување со климатските ризици за банките. Во согласност со светските трендови, Народната банка веќе ги направи и првите чекори за „зазеленување” на своето инвестициско портфолио во рамки на управувањето со девизните резерви.