Коалицијата „Храбро за Македонија“ денеска се пожали дека на три избирачки места и се украдени повеќе од 600 гласови во изборните единици 1, 2 и 5 и тие им се префрлени на коалициите „Вреди“ и „Европски фронт“. Членовите на коалицијата најавија тужба до Управниот суд, а го повика и Обвинителството да се вклучи во овој процес за да се расчисти случајот. Според „Храбро за Македонија“, станува збор за упад во изборните резултати, а ваквите дела се кривични и не застаруваат. -Во овој изборен инженеринг е вклучена и ДИК. Нашите информации говорат дека е правен и за време на претседателските и за време на парламентарните избори, но и во претходните изборни циклуси. Целта е од помалите партии кои немаат набљудувачи на избирачките места, да се одземат одреден број гласови кои потоа ќе се префрлат кај поголемите за да добијат пратеник повеќе. Ова мора да заврши со правна одговорност. Ова е голем срам за ДИК. Само од три места ни се скратени повеќе од 600 гласови и им се префрлени на други политички партии. Ова кажува колку голема беше кражбата на овие избори, но и дека овој начин на крадење гласови од помалите партии кои немаат набљудувачи на гласачките места е правен и во претходните изборни циклуси и се додавани пратеници на други партии. За оваа нечесна работа ќе поднесеме тужба до Управниот суд и кривична пријава против претседателот на ДИК Даштевски кој дозволил на ваков начин да се крадат гласови од одредени партии и во исто време да се префрлуваат на други за да добијат повеќе пратеници, порача Стевчо Јакимовски, претседател на ГРОМ. Приговори за овие сознаија коалицијата не поднела. – Каде да поднесеме приговори кога ова е направено во самата ДИК? Приговори се поднесуваат за тоа што се случувало на гласачкото место. Од каде ќе претпоставите дека ќе ве украдат од ДИК? Некој за ова мора да заврши во затвор, нагласи Јакимовски и посочи пример: -За само едно место во Општина Чаир, ДИК објавила дека Добрила Андоновска, носител на листа на „Храбро за Македонија“ во ИЕ 1, добила 28 гласа, а според Записникот за неа се определиле 217 граѓани. -Во Записникот имаме 248 гласа, а во финалните резултати на ДИК 21, што значи дека е употребен делител 12. Во случајот на Добрила е употребен делител 7, како и кај Самка Ибраимовски во ИЕ 5. Веднаш по полноќ, во 1:50 часот, резулататот од ДИК 182, а истиот ден по 16 часа имаме 22. Значи, направен е класичен изборен инженеринг. Група адвокати работи на проценка на серија кривични дела. Кривичната пријава ќе биде против претседателот на ДИК, но не е исклучено да биде и против целата ДИК. Станува збор за упад во софтверот, рече Љупчо Ристовски, претседател на ИНТЕГРА. Претседателот на ПЦЕР Самка Ибраимовски, според ДИК, во Струга имал 177 гласови. -Не знам каде отидоа тие гласови, кој ги украде. Нека ги остават еднаш Ромите сами да одлучат за кого ќе гласаат. Имаше невиден поткуп, имам и видео докази за повици на граѓани да земаат пари. Ќе ја штитат корупцијата, а самите се коруптивни. Замислете, чисто етнички македонски град купен по 200 евра од човек. Имам докази, но ќе им го оставиме тоа на адвокатите. Уште еднаш замолувам, оставете ги Ромите да одлучуваат сами, истакна Ибраимовски, според кој, цената се движела од 1.500 денари до 100 или 200 евра, подвлече Ибраимовски кој е убеден дека на „Храбро за Македонија“ во ИЕ 5 и се украдени најмалку 4.000 – 5.000 гласови.