Два случаи на конго-кримска хеморагична треска се регистрирани во април, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот извештај за движењето на акутните заразни заболувања во земјава.
Според извештајот, и во двата случаи станува збор за жители на рурални средини кои имале контакт со домашни животни со крлежи, но, како што велат од ИЈЗ, само кај едниот случај е пријавено каснување од крлеж.
„Првиот случај е од с. Градец, Крива Паланка. Почетокот на симптомите биле на 22 април, како замор, повраќање, дијареја, крвавење од носот. Лицето по четири дена е хоспитализирано на Инфективната клиника. Вториот случај е од с. Арачиново, Скопје. Симптомите започнале исто на 24 април, како висока температура, замор, болки во мускулите, повраќање, дијареја, а тоа по шест дена е хоспитализиран“,
се вели во извештајот од ИЈЗ.
Оттаму информираат дека е во тек следењето на контактите за двата случаи.
„Двата случаи се потврдени во Лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ со откриени ИГМ антитела со
ELISA и RNA со RT-PCR“, се вели во извештајот.Според извештајот за април, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 845 пријавени лица.
Пријавени биле и 14 случаи на салмонелози, осум случаи на бактериски алиментарни инфекции и интоксикации и еден случај на џардијаза.
Потоа, 34 случаи на шуга, четири случаи на бактериски менингит и по еден случај на вирусен менингит и токоплазмоза.
„Во април пријавени се четири случаи потврдени на ХИВ и два на СИДА, сите од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 44 години. Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи – заклучно со 30 април, кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Република Северна Македонија, за периодот од 1987 до 2024, изнесува 657 и тоа 127 лица починале, 530 лица живеат со ХИВ/СИДА“,пишува во извештајот на ИЈЗ.
Во текот на минатиот месец биле пријавени вкупно девет случаи на ковид-19.