„Гордана Силјановска Давкова е врховен командант на Армијата, а не кажа ниту еден збор за Армијата. Во август истекува рокот на шефот на Генералштабот. Треба да именува нов шеф. Во својот ‘осмомартовски’ говор таа заборави да се осврне на најкрупната надлежност која претседателот на Македонија ја има а тоа е врховен командант“ рече новинарот и аналитичар Сашо Орданоски на поткастот „Политиканти“ на Слободен печат.
Тој додаде дека во критични ситуации тоа воопшто не е наивна надлежност и додаде дека Силјановска исто така не спомнала ништо за надворешната политика.
„А, да не кажам, неколку пасуси за односите со соседите каде што претседателот има надлежности, не само затоа што испраќа, акредитира амбасадори. Реално е фактор во креирање на таа политика. Замисли ја Гордана Силјановска Давкова на Минхенската безбедносна конференција. Јас мислам дека она ќе биде едно сениорско издание на Грета Тунберг. Ќе зборува за правата на жените“, Ордановски.
Тој додаде дека откако го прочитала говорот кој 75% бил посветен на жените излегла да се слика со своите советници, без ниту една жена.
„Кампањата на Гордана Силјаноска никогаш не била за влез на Македонија во Европска Унија. Гордана ветуваше дека ќе ја врати гордоста и ја врати со својот инагуративен говор кој патем беше дури и ненапишан, што е чудна околност за еден нов претседател кога во тој тип на инагурации треба да ги каже основните поставки за своето наредно петгодишно владеење. Јас мислам дека протестите не беа многу големи. Грците реагираа воздржано, денеска малку се размати ситуацијата заради прашањето од опозицијата. Американците реагираа со тоа што кажаа остануваме посветени на Преспанскиот договор“
Тој посочи дека игнорирањето на уставното име можело да се претпостави.
„Таа провокација можеше и да се претпостави, овие глупости што ги слушаме дека тоа не било кршење на Уставот. Тоа е продолжување на трамповската линија. Трамп вика дека тоа се вашите факти, јас имам алтернативни факти. Овие толкувања ги прават наводни експерти како Каракамишева, па дури и самата претседателка која е наводен експерт за Уставот“, смета Орданоски.