Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги осуди смртоносните напади на Израел врз Рафа поради последните напади на кампот во кој се наоѓаат раселените Паелстинци во безбедната зона. -Колку подолго Нетанјаху и неговата мрежа на убиства не успеваат да го скршат херојскиот отпор на палестинскиот народ, толку повеќе тој се турка во ќош во неговата земја, обидувајќи се да го продолжи својот политички живот со пролевање повеќе крв. Но, тој наскоро ќе види дека тоа нема да помогне. Исто како Хитлер на кого му завидува, како Милошевиќ, како Караџиќ и другите ликови во историјата, нема да може да избегне да биде запаметен со проклетство, истакна Ердоган, во Истанбул. Палестинските здравствени работници соопштија дека во израелските воздушни напади убиени се најмалку 45 луѓе, вклучително и бегалци кои живееле во шатори што биле зафатени од пожар по експлозиите. Израел соопшти дека ја истражува смртта на цивилите, велејќи дека ја погодил инсталацијата на Хамас и убила двајца високи милитанти на оваа организација. Ердоган истакна дека нападот се случи неколку дена откако Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да ја прекине воената офанзива во Рафа. Турскиот лидер ги засили своите критики кон Израел по неговата воена офанзива во Газа, обвинувајќи го за воени злосторства и геноцид, нешто што Израел жестоко го негира. Тој ја опиша милитантната група Хамас, која Израел, САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, како борци за слобода.