Потпретсесателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски денеска изјави дека новата влада ќе биде формирана согласно уставните рокови и оти се уште се во тек разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ. Негови очекувања се дека новата влада би можела да биде формирана малку порано од крајниот рок.
– Се уште се во тек разговорите. Како што знаете се уште мандатарот односно претседателот на ВМРО – ДПМНЕ се уште формално го нема земено мандатот, што значи течат уставните рокови. Тоа што би можел во овој момент да го кажам е дека согласно уставните рокови ќе биде формирана новата влада, изјави Муцунски, кој денеска присуствуваше на настанот по повод Денот на Европа во организација на Европското движење во Северна Македонија во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер..
Во однос на поделбата на ресорите, тој рече дека дискусијата кој претставник од ВМРО – ДПМНЕ каде ќе се најде е процес којшто прво секој од нив треба да го разговара со идниот премиер, но исто така процес којшто е предмет на дискусија на органите на политичката партија – Централниот и Извршниот одбор.
– Сметам дека е сосема неблагодарно од кого било да ја дискутира својата политичка иднина пред медиумите. Тоа е прашање со идниот премиер ќе го дискутираме, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој очекува новата влада да може да биде формирана малку порано од крајниот рок, но сепак, додаде Муцунски, тоа е дискусија помеѓу мандатарот и претседателот на државата иако верува дека тоа ќе се случи во текот на оваа недела.