Харадинај во еднодневна посета на Берлин, ќе се сретне со Меркел

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај потврди дека денеска ќе отпатува за Берлин, каде, меѓу другото, ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај преку својата страница на Фејсбук информира дека, освен со Меркел, ќе се сретне и со претседателот на Бундестагот, Вофганг Шојбле и со членови на сите пратенички групи во Парламентот. Исто така, ќе учествува на конференција насловена „Меѓународни средби”, како и на утринската молитва во германскиот главен град.

Косовскиот премиер изјави дека посетата има за цел продлабочување на односите и јакнење на довербата меѓу Косово и Германија како стратешки партнери.

– Соработката заснована на довербата е неопходна за Косово на нејзиниот пат кон економскиот развој, европските интеграции и на полето на безбедноста. Германија останува еден од главните партнери на Косово и нејзината поддршка е од извонредно значење за постигнување на нашите заеднички објективи, напиша Харадинај.

Според медиумите во Приштина, главна тема на разговорите што ќе ги води Харадинај со своите домаќини во Берлин ќе биде ќе биде косовско – српскиот дијалог и наоѓањето решение за негово деблокирање.

Треба да знаете
Последни објави