Унгарската влада поднесе предлог-закон за заострување на контролата врз научните истражувања

Унгарската влада се обидува да ја заостри контролата врз истражувачките институции на Унгарската академија на науките, и покрај протестите на научниците против политичката контрола на академијата.

Откако ја презеде власта во 2010 година, премиерот Виктор Орбан ја заостри владината контрола врз јавниот живот, вклучително и судовите, медиумите и универзитетите.

Неговата влада во средата достави предлог-закон до Парламентот, со кој на академијата ќе ѝ ја одземе 200-годишната мрежа на истражувачки институции и ќе ја зајакне државната контрола врз истражувањето.

Предлог-законот, објавен на веб-страницата на парламентот, тврди дека е потребна „потранспарентна и … флексибилна организациска и финансиска рамка за да се обезбеди одржлив пораст на долгорочната конкурентност на Унгарија“.

Во него, исто така, се вели и дека трансформацијата на институционалниот систем и финансирањето на унгарските истражувања, развојот и иновациите ќе послужи за поефикасно користење на ресурсите.

За таа цел ќе биде формиран совет од 11 членови, со кој ќе претседава министерот за иновации и технологија Лазло Палкович и кој ќе ги одредува областите на истражување што ќе добијат средства. Советот ќе го следи и користењето на средствата, а членовите ќе бидат назначени од премиерот врз основа на препораките на министерот, се вели во предлог-законот.

Владата рече дека оние проекти кои директно придонесуваат кон конкурентноста на унгарската економија и вклучуваат регионална или меѓународна соработка ќе добијат приоритет.

Самите истражувачки институции ќе ги води панел од 13 члена, со шест членови од владата и шест од академијата. Неговиот претседател ќе биде назначен од страна на премиерот, врз основа на препораката на шефот на академијата и министерот.

Во неделата, илјадници Унгарци излегоа на улиците во Будимпешта во знак на протест поради планираните измени. Академијата минатата недела изјави дека владата сака целосна политичка контрола врз клучните истражувања.

Европската комисија во вторникот рече дека ќе ги следи случувањата во јавниот истражувачки систем на Унгарија и ги повика властите да се воздржат од каква било одлука со која се ограничува научната и академската слобода.

Треба да знаете
Последни објави