Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ вечерва ќе имаат неформална средба во Брисел, на која ќе разговараат околу изборот на носителите на највисоките функции во Унијата по изборите за Европскиот парламент.
Европскиот совет, што го сочинуваат лидерите на членките на блокот, има клучна улога во изборот на претседателите на Советот на ЕУ и на Европската комисија и на високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, изборот на носителите на овие функции се врши согласно процедури пропишани во Договорот на Европската унија (ТЕУ), при што мора да се води сметка дека избраните лидери мора да ја одразува различноста на ЕУ во однос на географското потекло, големината на земјата, полот и политичката припадност.
Согласно одредбите од Договорот на ЕУ, Европскиот совет го избира својот претседател, го предлага претседателот на Европскиот совет и ги назначува високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност и еврокомесарите.
Претседателот на Европскиот совет се избира со квалификувано мнозинство од страна на Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ со мандат од 2,5 години, со право на реизбор.
Како најсериозен кандидат за оваа функција неофицијално се споменува поранешниот португалски премиер Антонио Кошта од Социјалистичката партија (ПС), која е дел од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД).
Врз основа на резултатите од Евроизборите, Европскиот совет го предлага кандидатот за функцијата претседател на Европската комисија, кој го избира Европскиот парламент со мнозинство гласови од вкупниот број европратеници. Доколку предложениот кандидат не го добие потребното мнозинство гласови во ЕП, Европскиот совет во рок од еден месец мора да предложи нов кандидат. По ова истата процедура продолжува во Европарламентот со додека предложениот кандидат не биде избран со потребното мнозинство.
Актуелната претседателка на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен е кандидатка за реизбор на функцијата. Таа доаѓа од редовите на германската Христијанско демократска унија (ЦДУ), која е членка на Европската народна партија (ЕПП).
Европскиот совет го назначува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност со мандат од пет години. Одлуката за назначување на „првиот дипломат на Унијата“ се носи со квалификувано мнозинство на членовите на Советот и во договор со претседателот на Европската комисија. Европскиот совет со квалификувано мнозинство може да донесе и одлука за разрешување на високиот претставник и пред истекот на неговиот мандат.
Како кандидат за наследник на Жосеп Борел се наведува естонската премиерка Каја Калас, но не е исклучено на оваа позиција да биде назначен белгискиот премиер во заминување Александер де Кро. Калис е членка на Реформската партија (РЕ), а Де Кро на партијата Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД). И двете партии се членки на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ), која е дел од либералната група во ЕП, „Да ја обновиме Европа“.
Согласно ТЕУ, Советот на ЕУ официјално ја именува целата Европска комисија, откако таа претходно треба да добие поддршка од Европскиот парламент со мнозинство гласови од пратениците што гласале. Одлуката за именување на ЕК, Европскиот совет ја носи со квалификувано мнозинство.