Силно невреме од половина час ги поплави улиците на општина Аеродром попладнево околу 17 часот и 30 минути.
На интересниот феномен на сонце помешано со силен дожд се зачудија граѓаните кои за време на невремето се најдоа надвор на улиците. Дождот буквално без никаков знак за дестабилизација почна да врне и ги поплави улиците. По триесетина минути сонцето повторно силно свети па испарувањето на водата од асфалтот, времето го прави уште потешко.
Како што објавуваат од УХМР, температурите денеска беа 19 Попова Шапка, 24 Лазарополе, 25 Крушево, 26 Маврови Анови, 28 Претор, 29 Охрид, 30 Берово, 31 Битола, 32 Прилеп, Тетово, 34 Виница, 35 Скопје-Зајчев Рид, Штип, Струмица, Кавадарци, Гевгелија, 36 Велес, Демир Капија, Скопје – Петровец.
Времето до крајот на денот ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во планинските подрачја ќе има услови за изолирана појава на пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени. UV=8